На пет локации на езеро „Младост” се поставуваат хидранти за наводнување на садниците со кои е пошумено опожареното подрачје на езерото „Младост”, но и поради превенција од можни пожари, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Во Еко-кампот од проектот „Паметно езеро Младост”, на пристапниот пат кон истиот (во непосредна близина на пошумената површина), во близина на брод „Панини” и ресторан „Глориус”, наспроти хотел „Романтик” и во близина на академија „Прокредит” и Сателитската населба, се локациите на кои ќе бидат поставени овие хидранти, а се утврдени од страна на стручните служби на ЈКП „Дервен”, Општина Велес и Територијалната противпожарна единица – Велес.

Хидрантите се поставени на водоснабдителниот систем за езерото, кој е предаден на управување на ЈКП Дервен и е дел од градскиот водоснабдителен систем и се снабдува од хидроценталата Лисиче. Притисокот во системот е константно 6-7 бари и не се очекуваат проблеми со снабдувањето со вода.

„На одредени површини размислуваме да поставиме систем капка по капка за континуирано наводнување во текот на летото, но доколку тоа не се случи пошумениот материјал ќе се наводнува со цистерни”, истакна Коцевски.