Едно оздравено и шест новозаболени лица е билансот на заразата со Ковид-19 во Велес и велешко, во изминатите 24 часа.

Информациите од денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување ги соопшти градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција.

„Вкупната бројка на заразени изнесува 162 лица, а  од нив 34 се активни, 11 лица се починати и 117 оздравени. Од потврдените 34 лица, 19  се на домашно лекување, 11 лица се наоѓаат на инфективното одделение во Општата болница во Велес, две на инфективната клиника во Скопје, едно лице во Градската општа болница „8 Септември”  во Скопје и едно лице е во државен карантин.

Нови жаришта се две села  во околината на  Чашка и Велес, еден од случаите е поврзан со улична тепачка на улицата „Маца Овчарова”, еден е поврзан со велешанка која работела во конфекција во Штип, еден пациент е откриен при преглед на проблем со ногата, а еден пациент е пријавен од страна на матичен лекар.

Како што рече Коцевски,  кластерите се познати. „Се надевам дека во епидемиолошките анкети ќе бидат соодветно опфатени сите вклучени кои имале блиски контакти и ќе бидат тестирани за да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата во кругот на семејството, роднините, пријателите и луѓето со кои тие контактирале“, дополни градоначалникот.