На денешната прес конференција, градоначалникот Коцевски извести дека во последниве 24 часа во Велес и велешко има регистрирано три новозаболени лица и еден оздравен.

Вкупната бројка на заболени лица во Велес и велешко до денес изнесува 201 лице, од кои 150 се оздравени, 13 починати и 38 се активни случаи.

Од активните лица, 24 се наоѓаат на домашно лекување, 13 се на Инфективното одделение во Општата болница во Велес и еден се наоѓа на издржување на казна затвор во Казнено поправниот дом во Идризово.

Според неговите зборови оценката на надлежните здравствени институции и Општинскиот штаб за заштита и спасување од Велес  е дека состојбата со Ковид-19 во моментов е стабилна, но ризиците се големи и затоа треба да бидеме крајно претпазливи.

„Сакам да ве известам дека на Инфективното одделение во Велес има 15 лежечки болни пациенти (14 позитивни и едно лице за кое се чекаат резултати), четири од нив се од с. Јаболчиште и 11 се од Велес, двајца од нив се наоѓаат на кислородна подршка, а останатите се во стабилна состојба”, изјави Коцевски.

Тој додаде дека две медицински сестри, еден медицински техничар и еден доктор од велешката болница се наоѓаат во Скопје со цел да им помогнат на своите колеги во борбата против Ковид-19.