Три инфо табли и шест патокази се поставени во градот и пред влезот на Спомен-костурницата во Велес за обележување на монументалниот објект. Таблите се со димензии 150см на 120см, а како и патоказите се испечатени на пластифициран лим. Податоците за костурницата се напишани на три јазици, македонски, англиски и германски.

Поставувањето на инфо таблите и патоказите е дел од проектот, спроведен од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ со кој се опфатени голем број споменици од бруталистичка архитектура во државата.

Спомен-костурницата на паднатите борци од Народноослободителната борба се наоѓа во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ и претставува идеална можност за попатна пауза.

Со доброволни прилози собрани од жителите на Велес, споменикот е изграден во 1979 година. Автори на ова грандиозно дело се архитектот Саво Суготин, скулпторот Љубомир Денковиќ и сликарот Петар Мазев.

Самата форма на споменикот претставува афионов цвет, кој во еден даден момент се распукнува и симболизира раѓање на нешто ново. Внатрешноста на споменикот е претствена преку мозаикот на Петар Мазев, што претставува композиција од пет слики на кои е прикажана историјата на македонскиот народ почнувајќи од турскиот, па сè до повоениот период. Тој е најголем мозаик во државата кој се протега на површина од 220 метри квадратни.