Денес во Општина Велес беше презентирана новата  Програма  на ЕУ за подготвителни активности за ИПА 2020 – Програма за поддршка на општините.

Програмата ја презентираа Клаус Рихтер, тим лидер на проектот и Бардил Марку, клучен експерт за обука.

На средбата со градоначалникот Аце Коцевски што ѝ претходеше на јавната презентација, Рихтер и Марку ги образложија деталите од новата програма и укажаа дека особено е важно што Велес ги има стратешките документи, План за одржлива урбана мобилност (ПОУМ) и Стратегија за паметен град како добра основа за вклучување во оваа значајна програма, фокусирана на иновативниот пристап во решавањето на локалните проблеми.

Градоначалникот Коцевски изрази задоволство што стартува нова програма на ЕУ за поддршка на општините  и рече дека се надева дека Општина Велес ќе успее со своите иновативни стратешки планови да се вклопи во програмата и да подготви проект кој ќе ги исполни сите критериуми и ќе го подобри животот на велешани.

Како што беше речено на средбата за размена на идеи со претставниците на граѓанските организации, бизнис секторот и администрацијата, проектот што ќе го финансира ЕУ е во вредност од 500.000 евра и треба да придонесе кон подобрување на животот на граѓаните преку иновативни решенија и идеи.  Еден од клучните критериуми покрај иновативното решение е проектот да биде усогласен со постоечки долгорочни стратегии за развој на општините.

Според временската рамка, проектниот концепт треба да биде готов до март годинава, а целосната проектна документација најрано во јуни годинава.

Се очекува повикот за проекти на кој ќе аплицираат општините како водечки партнери да биде распишан во октомври годинава.  Како што најави градоначалникот Коцевски, во текот на месец март интензивно ќе се работи на утврдување на идејата за подготовка на проектниот концепт со кој Општина Велес ќе аплицира во оваа програма.