На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски го најави почетокот на еден од најзначајните капитални проекти за Велес и велешани, изградбата на новиот градски пазар.

„Покрај средствата што ги обезбедивме од Владата во висина од 40 милиони денари, преку програмата за подобрување на Општинските услуги со заем  од Светска Банка обезбедивме и дополнителни 46.003120 денари“, рече Коцевски.

Градоначалникот соопшти дека овој  проект е изгласан како приоритетен за финансирање и од страна на Советот за развој на Вардарскиот плански регион затоа што пазарот во Велес е значаен за регионалната економија и од него остваруваат егзистенција земјоделци и трговци од целиот регион.

Финансиите преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион ги обезбедува  Бирото за регионален развој од каде се очекува  поддршка од 15 милиони денари. Со ова се обезбедени потребните над 86 милиони денари за изградба на пазарот.

Коцевски најави старт на изградбата во февруари 2021 година, веднаш по завршувањето на тендерската постапка за избор на фирма –изведувач.

Градежната парцела опфаќа вкупно 4171.93м2 од кои 2218.72 м2 површина наменета за продажба на производи. Новиот пазар опфаќа дуќани, дел под отворена настрешница, паркинг простор, санитарии и магацински простор. Во првата фаза ќе се гради долниот дел од пазарот за да се овозможи негово непречено функционирање во текот на изградбата.

„Сметам дека проектот ќе го врати животот на левиот брег на Велес, дека ќе донесе нова урбана естетика, нова свежина и што е најважно од сé ќе го зајакне економскиот развој во градот и во регионот“, рече Коцевски.