Општина Велес, Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес и Организација на жени Велес преку кампањата „16 денови активизам“ годинава, со делење заштитни маски ја подигнуваа јавната свест против сите препознаени форми на насилство врз жени и девојчиња.

Маските сo лого порака „стоп за насилството“ беа поделени во повеќе здравствени и образовни институции, а ОЈУ Детска градинка„ Димче Мирчев“, во знак на благодарност за соработката додели благодарници на градоначалникот Коцевски и Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите.

Децидно се искажа „Стоп“ за сите форми на родово базирано насилство како физичко насилство, психолошко насилство, интимно партнерско насилство, економско, сексуално, вознемирување, демнење, вербално насилство, вознемирување на работно место, принудни бракови, малолетнички бракови, генитално осакатување, убиства во име на чест, женско чедоморство, присилни абортуси, селективни абортуси, малтретирање и фемицид.

Општина Велес останува сојузник во борбата која мора да продолжи 365 дена. Отворено ги поддржува институциите и соработниците од граѓанскиот сектор за да ја поттикне неопходноста од унапредување на системот за соодветна и сеопфатна заштита за сите жени, без разлика на етничка припадност, образование, социо-економски статус, попреченост итн.