Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов денеска заедно со градоначалникот Аце Коцевски направија увид во работите за санација на свлечиштето „Цуцка“. „Безбедноста на граѓаните и непреченото одвивање на сообраќајот е за нас исклучително важно.
Она што впрочем со директорот Китанов го говориме секаде, затоа што секаде одиме на терен е да се направат патишта, но и секаде да се реагира каде што евентуално има проблем како што е случајот конкретно во Велес каде се работи сериозно на ова свлечиште кое што чини околу милион евра“, рече Сугарески во изјава за медиумите.
Тој нагласи дека секаде низ државата се работи на голем дел на мостови, на свлечишта, се она што е битно за патиштата, за безбедноста на граѓаните. Китанов за јавноста укажа дека со овој проект за 2 години се решил проблем со кој велешани и сите корисници на регионалниот пат се соочуваат околу 2 децении. „Во тек е фазата во која претставници на хрватска стручна компанија се искачуваат на карпата и рачно ги туркаат деловите што се во нестабилна состојба.
По завршувањето на оваа фаза ќе започне поставувањето на шипови во карпата, заштитни мрежи и бетонирање за да се запре и одронувањето и продорот на вода како најголем причинител на одроните. Во крајната фаза целиот дел од патот ќе се асфалтира и ќе се стави во функција. Се очекува работите да завршат до август годинава“, рече Китанов.
Градоначалникот Коцевски упати јавна благодарност до Сугарески и Китанов што го прифатија проектот и обезбедија средства во буџетот за трајно решавање на свлечиштето за што Општина Велес нема финансиски можности. „Со ова решаваме огромен проблем за граѓаните на Велес и на регионот, ја зголемуваме безбедноста и здравјето на сите што го користат овој дел од патот.
Ова се многу сериозни проекти кои бараат подолго време за реализација .За жал дел од нашите сограѓани во многу наврати користејќи говор на омраза, навреди и дисквалификации жестоко атакуваа врз мене, врз општината, врз државните институции. Времето покажа дека е тоа неоправдано. Добро е што на крајот ќе го решиме проблемот кој е децениски проблем и што сите ќе бидеме задоволни од извршувањето на квалитетот на работите“, рече Коцевски.
Градоначалникот изрази задоволство од најавата на изведувачите дека предвреме ќе ја завршат работата.