При денешната посета на локацијата на која се одвиваат работите за санација на карпата „Цуцка“, министерот Сугарески ја информираше јавноста за тековните и претстојните капитални проекти.  „Ние се посилно во делот на капиталните проекти ќе продолжиме во наредниот период, не само во овој регион туку во сите региони во државата. Исклучително важно е да ја зголемите реализацијата на капиталните инвестиции.

До денешен ден Министерството за транспорт и врски има реализација од 15%  од почетокот на оваа година. Ланската година беше 86%. Очекувам дека исто како и ланската година, ова министерство исклучително ќе биде успешно како што е Јавното претпријатие за државни патишта кое што исто така имаше 86% на реализација“, рече Сугарески.

Тој  упати јавна пофалба до градоначалникот Аце Коцевски кој како што рече  максимално ги користи сите средства што ги дава државата за реализација на проекти. Сугарески  ја информираше јавноста дека е распишан тендер за проектот за водоснабдување на Раштани и Бузалково како и проектот за изградба на  29 социјални станови кој треба да заврши за краток временски период.

„Општина Велес има добиено милион евра за локални патишта и улици, средства што очекуваме во наредниот период да почнат да се користат, а за кои општината достави проекти до Министерството за транспорт и врски. Во моментов Општина Велес преку министерството работи на 12 водоводи и канализациони линии кои се очекува во догледен временски период комплетно да бидат завршени“, рече Сугарески кои изрази задоволство од динамиката на активностите.

Министерот Сугарески нагласи дека е неопходно што побрзо да се формира парламент во државата затоа што се очекуваат средствата од ЕБОР за финансирање на гасификацијата. „Неопходно е државата да се задолжи со дополнителни средства за изградба на гасоводот од Свети Николе до Велес и од Гостивар до Кичево. Шпекулациите и лажните вести дека капиталните инвестиции стојат воопшто не се точни, динамиката е извонредна и сум задоволен од таа динамика“, рече Сугарески.