Младиот уметник Давор Кешќец од Скопје е автор на уметничко дело кое ќе го краси муралот на влезот во Велес.

Како што денеска соопшти градоначалникот Аце Коцевски,  муралот ќе биде создаден на  бетонскиот ѕид на влезот во Велес, на кружниот тек под Спомен-костурницата. Муралот ќе се создава на површина од 86 метри во  должина и 2,5 метри висина, а заради сообраќајните правила и прописи едно метро од коловозот нема да биде покриено со содржината на муралот.

Оваа креативна активност ја спроведува Здружението за култура и уметност „Факултет за работи што не се учат” (ФРУ),  со седишта во Битола и Скопје.

Стручно мислење за визуелниот израз на муралот даде комисија во состав на истакнати уметници од Велес, формирана од градоначалникот со одлука  на Советот на Општина Велес. Во рамките на активноста, градоначалникот ќе потпише меморандум за соработка.

Работите на муралот ќе започнат во недела, 5 јули 2020 година, доколку дозволат временските услови, а предвидено е да завршат до 10 јули годинава.

Делата на Кешќец веќе красат урбани јавни простори во повеќе градови во државата меѓу кои и урбаниот простор на ГТЦ во Скопје.