На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски изрази задоволство од успехот на акцијата за пошумување крај езерото Младост и упати јавна благодарност до сите граѓани, организации, компании и институции кои масовно учествуваа во акцијата.

„Би сакал особена благодарност да упатам до граѓаните и до бизнис заедницата за првата масовна акција за пошумување на опожарените површини околу езерото Младост. Во акцијата се засадени вкупно 13.700 нови висококвалитетни садници, соодветни за природниот амбиент на езерото Младост. Општината нема да застане тука и ќе организираме нови акции за ревитализација на опожарените делови покрај езерото, нашата најатрактивна туристичка дестинација каде во тек е еден од најамбициозните проекти за развој на туризмот, проектот „СМАРТ езеро Младост“, рече Коцевски.

Тој упати јавна благодарност  до „Три Банкс“- Скопје,„ Жито маркети“- Велес, „Ротари клуб“, АРМ, ЗГ „Акцијаш-ветерани“, претставниците на другите граѓански организации, вработените во општинската администрација и институциите и до Организацијата на Црвениот крст за помошта при спроведувањето на акцијата. 13.700 садници се засадени на површина од околу 10 ха. 2 700 садници беа обезбедени од донатори кои самите ги засадија садниците, а Општина Велес обезбеди средства за набавка на 11 000 садници.