Градоначалникот Коцевски, на денешната прес конференција го пренесе заклучокот донесен од вчерашната средба со директорите на училиштата, градинката и ученичкиот дом и информираше дека многу добро функционира наставата на далечина во сите општински основни и средни училишта.

„Има проблеми со одредена категорија на ученици кои потекнуваат од посиромашни семејства, заради неможноста на родителите да им обезбедат лап топ компјутери или паметни телефони, па одлучивме дел од донацијата на 50 таблети да го намениме токму за оваа категорија ученици, да ги преинсталираме таблетите кои ги поседуваат училиштата, кои во моментов не се во употреба, како и да ги ставиме на располагање картичките кои ги доби Центарот за социјални работи за интернет наменети за одредени категории на население и преку нив ќе може децата чии родители имаат мобилни телефони да користат интернет и без проблеми да ја следат наставата на далечина” истакна Коцевски.

Воедно, градоначалникот ја соопшти констатацијата дека три четвртини од наставата е уредно завршена и дека до крајот на учебната година ќе се заврши целиот материјалот.

„Почнати се подготовките за следната учебна година. Во учебната 2018/19 во прво одделение се запишале 558 ученици, 509 првачиња се запишале во учебната 2019/20 година, а за следната не знаеме колку точно ќе се запишат, но според податоците од матичната служба и од Министерството за образование бројката на ученици кои се очекува да бидат запишани во прво одделение изнесува 489, од нив 401 дете се родени во Велес, а 88 во другите градови”, изјави градоначалникот Коцевски.