Ученици од општинските основни и средни училишта од Велес, денес по триесет и седми пат, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се натпреваруваа во квизот за противпожарна заштита и го покажаа своето знење од областа на пожарникарството, начинот на справување со огнена стихија и спроведувањето на превентивни мерки во заштитата од пожари.

Претседателот на Советот на Општина Велес, д-р Ненад Коциќ, во своето поздравно обраќање пред присутните натпреварувачи, ученици, наставници и останати гости, се заблагодари на Општинскиот противпожарен сојуз од Велес што по 37. пат, со поддршка на Општина Велес го организира и реализира овој едукативен квиз натпревар. Меѓу другото, Коциќ истакна: „Поради значењето на противпожарниот квиз и поради неговата важност, три години по првата организирана натпреварувачка манифестација, оваа активност е препознаена и прифатена од Републичкиот сојуз на Македонија, за потоа да прерасне во републички натпревар.”

Преку општинските, регионални и републички завршни натпревари досега се анимирани и едуцирани над 3 000 ученици од областа на противпожарната заштита.
Одржувањето на овој вид натпревари во знаење придонесува кон поголемо зајакнување на граѓанската свест, особено кај најмладите.
Општина Велес и понатаму ќе продолжи со поддршката за организирање на активности слични на оваа, со цел квалитетна едукација и заштита на животите и имотот на граѓаните, но и зачувување на природата.

Противпожарниот квиз натпревар го организираа Општинскиот противпожарен сојуз – Велес и Општина Велес, а истиот е дел од активностите за одбележување на 9 Ноември, Денот на Општина Велес.