Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Мачевски, преставникот на Европската комисија Никола Бертолини и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денес го посетија Езерото Младост кадешто се спроведува проект за локална и регионална конкурентност со којшто се подобрува туристичката понуда, наречен „Паметно езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција во Македонија”.

Со проектот на ЛРЦП со вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно 62 милиони денари, од кои 55,5 милиони денари се грант, а останатите се обезбедени од општината, Езерото Младост станува паметно езеро коешто ќе биде прва иновативна туристичка атракција во земјава.

Градоначалникот Коцевски изјави дека во конципирање на проектот учествуваа сите економски оператори кои се лоцирани покрај крајбрежјето на езерото Младост, хотелите, рестораните, винариите и бродот којшто е лоциран на езерото Младост.

“Очекувам преку овој проект да се создадат многу работни места. Езерото Младост е вештачко, но е така добро склопено во просторот што претставува една целина. Езерото и без тоа е примамливо за туристи како од земјата така и од странство. Посебно ми е важно да ги привлечеме странските туристи кои во текот на годината одат во Грција и на север кон Србија. Се надевам дека ќе успееме во тоа. Проектот содржи 18 потпроекти. Дел од нив се веќе завршени, а останатите ќе се завршат во наредниот период. Во наредниот период останува да се набават смарт елементите и со тоа мислам дека ќе дадеме еден добар пример на останатите оштини во земјата во кој правец треба да се развиват општините и градовите. На крај би сакал да се заблагодарам во име на граѓаните на Велес на Владата и на Европската унија за поддршката за финансирање на овој проект”, рече Коцевски.

„Преку оваа програма за поддршка на компетитивноста и економскиот локален развој навистина имаме можност да видиме дека со инвестиции преку локалната самоуправа и со поддршка од ваков тип на проекти создаваме атрактивни локации коишто секако ќе бидат посетени од домашни посетители, но и од странски посетители. Со воведувањето на овие паметни елементи во опркужувањето на езерото како што е менаџирање со паркингот, детско игралиште, велосипеди коишто исто така се управуваат преку одредени паметни модели сметам дека се олеснува на општините менаџирањето со ваков тип на туристички локации коишто се многу значајни. Значајноста нивна не е само заради тоа што тие стануваат актрактивни и ќе бидат посетени од повеќе посетители туку директно влијаат и на економскиот развој но со тоа директно влијаат и на регионалниот развој којшто е за нас како влада навистина значаен. Огромна благодарност до Европската Унија и делегацијата во нашата држава коишто дадоа огромна поддршка да овој проект и оваа програма да се развива и имплементира во нашата држава и секако на Светска Банка којашто е партнер за имплементација”, рече Царовска.

Министерот Манчевски истакна дека ова е извонреден пример како дигитализацијата, како интернетот на нештата може да се примени и во рурални средини и во туристички места, секаде онаму кадешто може да ги користиме придобивките од дигитализацијата. Дел од овој проект се и елементи на паметно езеро, како што нè извести градоначалникот и имплементаторите на проекти тука ќе има паметни велосипеди, паметни клупи, паметен паркинг. Сето ова ќе им овозможи на граѓаните многу полесен начин да ги користат бенефитите на оваа туристичка атракција”, рече Манчевски.

Преставникот од ЕУ, Бертолини истакна дека Европската Унија константно го помага регионалниот развој.

“Вашата земјата започна преговори со Европската Унија. На земјата и е потребна поддршка за развој, да им се даде работа на бизнисите како и да се овозможи вработување на луѓето. Овој проект е дел од многу интересна програма којашто овозможува многу проекти во целиот регион и е воедно директен одговор на последиците од кризата од пандемијата затоа што само со инвестиции и со кредибилитет државата ќе продолжи понатаму. Туристичкиот сектор кој беше најмногу погоден  од кризата може да смета на нашата поддршка”, рече Бертолини.