Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Во име на Советот на Општина Велес и во свое лично име Ви го честитам 5 мај, Денот на македонскиот јазик и македонската азбука.

Македонскиот јазик е прогласен за официјален јазик на Демократска Федерална Македонија во 1944 година, а како основа е земен велешкиот говор заедно со останатите дијалекти од централното наречје, врз кои се темели стандардниот македонски јазик, што за нас, како велешанки и велешани создава посебна одговорност да го користиме литературниот македонски јазик.

Прогласувањето на 5 мај како Ден на македонскиот јазик е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 година за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што е стандардизиран македонскиот јазик.

На овој ден кога оддаваме почит на македонскиот јазик се потсетуваме на Рацин и Конески, како и на сите нивни претходници и следбеници, дејци, основоположници на писмениот, литературен, стандарден македонски јазик. Се потсетуваме и поклонуваме на заслугите на македонските книжевници, културни и јавни работници, академици, поети и писатели, историчари, филолози и јазичари, 

преведувачи, толкувачи, професори и хроничари на македонскиот јазик кои нè задолжија сите нас да го чуваме и шириме јазикот кој нè обединува и прави единствени.

Велес, врутокот на македонската литература, култура и преродба од 19 век, градот каде се отворени првото училиште и во него учителствувал првиот учител на македонски јазик, првата библиотека, првиот музеј, градот каде е отпечатен првиот број на македонски јазик на весникот „Нова Македонија”, градот каде се напишани првите драмски текстови и направени првите драмски обиди на македонски јазик, со должна почит, континуирано, секоја година се потсетува на своите великани Рацин, Џинот, Неделковски, Жинзифов, Прличко и многу други кои несомнено се врежани во историјата и сеќавањата на велешанки и велешани.

Образованието на мајчин јазик и неговата употреба се најзначајните човекови права кои како столбови на идентитет на еден народ треба да се одржуваат и промовираат.

Затоа, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го  употребуваме за да го зачуваме за идните генерации.

Со почит,

Градоначалник на Општина Велес, Аце Коцевски