Први Април е ден посветен на Државниот архив и на архивистите. Градоначалникот Марко Колев го посети одделението на Државниот архив Велес и им оддаде почит и благодарност  на вработените за нивната неуморна работа во процесот на зачувување на историското и културно наследство за идните генерации.

Архивот на Велес е формиран во 1954 година. Тој е надлежен за општините Велес, Чашка, Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Одделението работи со 267 иматели на архивски материјал и располага со 538 фонддови и 8 збирки. Најстарите документи потекнуваат од 1768 година.

Позначајни архивски фондови се архивските фондови на општините и општинските управи од 1918 година до 1941 година и семејните фондови на трговските семејства Кицови и Хаџи Петрушеви како и други лични фондови.

Државниот архив е значајна научно-историска и културна институција во која во изминатите 72 години се собираат и чуваат историски записи и документи што даваат увид во минатото на земјава.

Во рамките на Државниот архив работат девет одделенија и тоа во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и во Тетово. Во оваа институција се чуваат 7.769 архивски фондови, околу 70.000 атхивски книги, 382 збирки и микрофилмуван архивски материјал. Интензивно се работи и на дигитализација на приоритетни историски фондови.

Најстариот документ што се чува во Архивот потекнува од 12 век, а тоа е Евангелието на свети апостол Лука.