На годишнината од раѓањето на Петре Прличко, еден од најголемите македонски актери на сите времиња, Општина Велес се сеќава на неговиот лик и дело. Денеска се навршуваат 118 години од неговото раѓање и по тој повод, градоначалникот Марко Колев заедно со советници од Советот на Општина Велес, положија  свежо цвеќе пред спомен бистата во Младинскиот парк. Почит му оддадоа и директорот на велешкит театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Жарко Спасовски, актери и режисери.

Доајенот на македонското глумиште е роден на 13  март 1907 година во Велес. Прличко е еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер. Припаѓа на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци, оставајќи зад себе многубројни главни улоги како на театарската сцена така и на филмското платно.

Една од неговите најдраги улоги е ликот на Манданата во филмот „Мис Стон“ за која ја доби и наградата „Златна арена“. За своите безвременски улоги на театарската сцена и на македонските филмови, добива многубројни награди и признанија меѓу кои „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга и други.