Велес денеска одбележува 119 години од раѓањето на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко. Во спомен на ликот и делото на актерот, градоначалникот Марко Колев заедно со актери од театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ положија свежо цвеќе на спомен бистата на Прличко во Младински парк.
Петре Прличко е роден на 13 март 1907 година во Велес. Тој е еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер. Припаѓа на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци, оставајќи зад себе многубројни главни улоги како на театарската сцена така и на филмското платно.
Една од неговите најдраги улоги е ликот на Манданата во филмот „Мис Стон“ за која ја доби и наградата „Златна арена“. За своите безвременски улоги на театарската сцена и на македонските филмови, добива многубројни награди и признанија меѓу кои „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга и други.





