Под мотото „Чествување за бесмртните“ Општина Велес ја одбележа 123 годишнината од солунските атентати и саможртвата на Гемиџиите за Македонија. По тој повод делегација на Општина Велес предводена од градоначалникот Марко Колев положи свежо цвеќе пред споменикот на Гемиџиите и оддаде почит за нивното херојско дело и саможртва. Почит оддадоа и советници при Советот на Општина Велес, претставници на политички патртии јавни институции и АРМ.
Никогаш да не се заборават имињата на: Јордан Поп Јорданов – Орцето, Димитар Мечев – Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, храбрите младинци кои не задолжија со нивниот аманет – да се арчиме за Македонија.
Чествувањето на бесмртните Гемиџии претставува силен симбол на почит кон храброста и саможртвата на овие млади луѓе кои инспирирани од идејата за слобода, во 1903 година ги извршиле Солунските атентати, со цел да го привлечат вниманието на светската јавност кон состојбата на Македонците под османлиско ропство. Денес тие се памтат како симбол за непоколеблива борба за правда и достоинство, но исто така се инспирација за новите генерации, да ја ценат слободата и да ја негуваат националната свест.
Во рамки на одбележувањето на годишнината, настапија учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, а цветен венец беше пуштен во водите на река Вардар.
Нека им е вечна слава!












