Во рамки на гастрономската недела во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ – Велес, се одржа прес конференција со реномирани шефови од меѓународната гастрономска сцена кои деновиве ќе одржат теоретска и практична настава со учениците од угостителските струки, за да ги запознаат со современите кулинарски техники, професионалните стандарди и да им пренесат искуства од светската гастрономија. Учениците ќе имаат можност да учат од докажани професионалци, да ги унапредат своите вештини и да стекнат драгоцено искуство кое ќе им помогне во нивниот понатамошен образовен и професионален развој.
Ваквите настани претставуваат значаен чекор кон отворање нови можности за младите, за развој на угостителството и туризмот но и за промоција на Велес во светски рамки.
На прес конференцијата присутни беа градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, претставници на Гастро Мак, предводени од Адријана Алачки и директорот на ДСУ „Коле Неделковски“ Горан Богоев.







