На денешен ден, 22 август 2023 година се навршуваат 141 година од смртта на истакнатиот македонски просветител, драматург и преродбеник Јордан Хаџи Константинов Џинот. По тој повод, делегации на Општина Велес и велешкиот народен театар што го носи неговото име, положија цвеќе на гробот на Џинот, во дворот на црквата Св.Спас.

Џинот е еден од најистакнатите борци за опстанок и развој на македонскиот народен јазик. Во текот на својот живот, и покрај  прогонствата и препреките, тој успеал да развие широка дејност во наставата на народен јазик. Покрај просветата Џинот остави траен белег во развојот на македонскиот театар како прв македонски драматург и автор на првите театарски пиеси на народен јазик.

Велес со гордост ја чува неговата родна куќа како спомен на неговото творештво и придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот народен јазик.

Џинот го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, пишувал статии за весници во Белград и Цариград, собирал народни умотворби и создавал песни и драми за потребите на неговото училиште.