Денеска се навршуваат 202 години од раѓањето на Јордан Хаџи Константинов Џинот. По тој повод делегација на Општина Велес положи свежо цвеќе на гробот во црквата Св. Спас.

Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител. Роден е во 1821 година на Прцорек, од левата страна на Вардар. Својата учителска дејност ја започнува во 1838 година со воведување на народен македонски јазик во училиштата. Во исто време, прв воведува современ начин на одржување на наставата со нови предмети преку кои учениците освен со знаење се стекнувале и со трговски и занаетчиски вештини. Освен со учителствување, Џинот се занимава и со пишување учебници, го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, пишувал статии за весници во Белград, пишувал литературни творби а собирал и народни умотворби. Во своето училиште работел до крајот на својот живот.