Со положување на свежо цвеќе на гробот во црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон“, делегација на Општина Велес му оддаде почит на еден од најголемите  градители на сакрални објекти на Балканот. На денешен ден се одбележуваат 208 годишнината од неговото раѓање и 143 години од неговата смрт.

Андреја Дамјанов е роден во 1813 година во с. Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и во други балкански земји. Дамјанов претставува симбол на македонското неимарство. Тој лично присуствувал при изградбата на секоја црква. Неговите сакрални објекти се карактеризираат како врвни архитектонски дела со декоративни елементи на столбовите кои се белег на неговите градби и со добра акустика. Токму таква е црквата посветена на Свети Пантелејмон, светецот-заштитник на Велес, а архитектите ја препознаваат по изразот „македонска миланска скала”.