На денешниот голем христијански празник Богојавление Водици, дваесет и две годишниот Игор Јорданов од Потокот беше најсреќниот меѓу деведесетината велешани кои скокнаа по светиот крст во водите на реката Вардар. Тој прв пат учествува на овој свет чин и е среќен што токму тој успеал да го фати крстот.
„Јас сум Игор Јорданов, од Потокот, живеам на улица „Вера Циривири“, работам во Скопје, не сум женет. Среќен сум што го фатив крстот и покрај ладната вода во реката и големата конкуренција“, рече Јорданов.
Заедно со останатите учесници Јорданов се упати во зградата на Повардарска Епархија каде доби бројни подароци од Македонската православна црква – Охридска Архиепискорија со благослов на Митрополитот Повардарски Господин Агатангел. Пригодни подароци му подари и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.