Убавиот пишан збор и ликовната уметност беа причината денес во Велес на едно место да се соберат младите поети и ликовни уметници од повеќе градови од државата. Во текот на денешниот и утрешниот ден, во Велес, на повеќе локации по 52. пат се одржуваат Детските Рацинови средби, чии активности се во рамките на официјалната програма за одбележување на 9 Ноември, Денот на Општина Велес.

Детските Рацинови средби покрај другарувањето и негувањето на творештвото на Коста Солев Рацин имаат и натпреварувачки карактер. За време на денешното свечено отворање на 52. Детски Рацинови средби во Градската библиотека „Гоце Делчев” во Велес на вљубениците и почитувачите на рациновиот лик и дело им беа доделени наградите од литературниот и ликовниот конкурс „Белите мугри во светлината на денот” што ги распиша Организацискиот одбор на Детските Рацинови средби. Право на учество со свои литературни дела и ликовни креации имаа сите ученици од сите основни и средни училишта од државата.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, ги додели двете гран при награди и им честиташе на овогодинешните добитници: Софија Ичкова, ученичка во втора година од СОУ „Богданци“, Богданци, под менторство на проф. Ивана Димовска и Елена Ивчева, ученичка во втора година при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес под менторство на проф. Кристијан Тодоров. „Чест ми е што сум овде меѓу вас во присуство на чуварите на Рациновите средби“, порача Коцевски пред присутните. „52 години Детски Рацинови средби се поттик за исто толку генерации деца во името на Рацин, во неговиот и нашиот Велес да творат, другаруваат и создаваат детска македонска поезија, како одраз на времето во кое живеат и опстојуваат” истакна Лила Арсова, претседателка на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“.

Пред полната сала „Бели мугри” и пред пријателите на децата и на градот на Рацин, свечената програма продолжи со настап на хорот „Св. Кирил и Методиј” под диригентство на проф. Веселинка Маџарова. Талентирани ученици од ООУ „Блаже Конески” го изведоа поетскиот перформанс „Во нас живееш Рацине” под менторство на професорите по македонски јазик и литература. Музички настап имаа учениците Исмаил Дурмишовски и Бојан Дејановски од ООМУ „Стефан Гајдов“ под менторство на м-р Илија Настовски, како и членовите на балетското студио „Анабела” под менторство на проф. Цеца Пајдакова.

Детските Рацинови средби традиционално се во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес и Општина Велес. Во текот на утрешниот ден, со почеток во 10:00 часот ќе продолжат програмските активности од 52. Детски Рацинови средби со традиционалниот Рацинов поетски караван во општинските училишта и ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, како и со промоција на книгата „Приказни од мојот крај” од авторката Лили Арсова чиј промотор е м-р Ана Витанова Рингачева во Ликовниот салон во Велес.