Како што информираше Коцевски на денешната прес конференција, Организацискиот одбор на културната манифестација „Рацинови средби” работел во полн состав и со учество на  афирмираниот писател и поет Игор Крајчев, директор на Локалната библиотека „Гоце Делчев”, истакнатиот драматург и писател, Сашо Димовски од Националната установа Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов – Џинот”, а во комуникација со Елена Јованоска Грујоска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”.

„Во услови на светска пандемија, сите учесници едногласно  се сложивме дека одржувањето на Меѓународната културна манифестација ‘Рацинови средби’ во 2020 година треба да се помести за  периодот од крајот на септември до евентуално крајот на октомври. Неизбежна е потребата од поинаква организација на ‘Рациновите средби’, но од друга страна е и можност за нивно модернизирање, осовременување и програмско збогатување“, рече Коцевски.

Според планираното дел од содржините на манифестацијата треба  да се одржат во живо, доколку тоа го дозволат здравствените власти со целосно почитување на безбедносните мерки и пред најавениот зимски бран на Ковид–19, додека онлајн содржините можат да се одржуваат во тоа време и малку подоцна. На овој начин, наспроти досегашното дводневно одржување на „Рациновите средби” манифестацијата ќе биде  подолготрајно застапена  тема во јавноста.

Се очекува со комбинирање на содржини во живо, со настани на интернет платформи да се овозможи светски познати поети по електронски пат да учествуваат на оваа врвна меѓународна поетска манифестација, а Општина Велес ќе обезбеди пренос во живо на Youtube каналот на општината,  со отворена можност националните  телевизии да ги пренесуваат во живо.            

Коцевски соопшти и дека Организацискиот одбор одлучил да формира комисија, специјална работна група која на следниот состанок ќе предложи концепт за манифестацијата. Конкурсот за доделување на Рациновото признание ќе биде објавен непосредно пред 13 јуни, денот на трагичното убиство на Коста Солев Рацин.

Наградата „Антологија на болката” ќе биде модифицирана. Предлогот за кој ќе се одлучува на следната седница на одборот е „ Антологија на болката” да биде книжевна награда која ќе се доделува за најдобра песна испратена на јавен конкурс кој ќе се објави од страна на Организацискиот одбор  на манифестацијата најмалку 30 денови пред почетокот  на  Рациновите средби.

Право на конкурсот ќе имаат сите поети од земјава и од светот, а ќе учествуваат со испраќање на своите песни на мајчин јазик со придружен задолжителен препев на англиски јазик. Секој поет ќе има право да учествува со само една песна, а истите ќе ги оценува жири комисија составена од истакнати домашни и странски поети кои ќе останат анонимни за јавноста сè до моментот на соопштување на добитникот. Деталите за наградата дополнително ќе се договараат.

„Потребата од висока поетска награда  веќе подолго се наметнува како суштинска потреба  и можност за давање поголемо внимание на Рациновата поетска нишка која е примарна во Рациновото творештво. Со ваква награда би се постигнало афирмирање и на поетскиот Рацинов аспект, модернизирајќи ги и давајќи им нов и свеж лик  на ‘Рациновите средби’ без притоа да бидеме конкуренција на Струшките вечери на поезијата”, рече Коцевски.