Велес слави 79 години слобода. На денешен ден во далечната 1944 година, велешките борци, чии имиња се длабоко врежани во колективната меморија на велешани, го покорија непријателот и ја извојуваа долго посакуваната слобода. Нивниот аманет и денес нè потсетува на нивниот непокор и жртва пред кои длабоко се поклонуваме.

Општина Велес и годинава достојно го одбележа најзначајниот ден во историјата на градот, 9 Ноември. На свечена академија што се одржа на сцената на театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот, пред присутните гости се обрати градоначалникот Марко Колев.

„Ѕидовите околу нас, улиците по кои чекориме, проткајани се со крвта на хероите која одекнува со аманетот кој ни го оставија – слободен Велес кој живее со нас, за нас и од нас“, истакна Колев

 

На свечената академија традиционално се доделија и деветономевриските награди на граѓаните кои достојно го промовираа Велес во земјата и надвор од неа.

Најпрестижната награда за животно дело „Гемиџии“ за 2023 година, годинава и припадна на проф. Д-р Елка Јачева Улчар, научен советник во институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје. Наградата ја доби за непроценливиот придонес во науката, афирмацијата на македонскиот јазик, на Велес и Македонија во земјата и во светот.

За вековен придонес во развојот на економијата во Велес, Спомен-плакета 9 Ноември за 2023 година доби Прехрамбената индустрија „Кристал 1923“. Спомен плакета му беше врачена и на вишиот кустос – историчар Марин Клифов за посебен придонес во зачувување на историските настани од Велес и велешко. Деветоноемвриска Спомен плакета отиде и во рацете на машинскиот инженер Никола Тодоровски, извршен директор на Јоопоне, за посебен придонес во иновациите и производството на медицински помагала за лица со попреченост.

Благодарница 9 Ноември за 2023 година добија Игор Мицевски-Скакар, активен борач и тренер на Борачки клуб Борец, Клементина Војдиновска, тренер на Карате Федерација на Македонија, интернационалниот тениски судија Јован Јовановски, за придонес и развој на спортот во Велес. За хуманитарниот влог во локалната заедница и посебниот придонес во промовирање на велешкиот бренд „Пита пастрмајлија“, благодарница доби Фурна Гемиџии. Благодарници добија и припадниците на територијалната противпожарна единица Велес за нивниот професионален и хуман ангажман во хуманитарната спасувачка мисија  за земјотресот во Република Турција, Димче Јованов, Кире Диковски, Александар Јолдашев, Рамадан Адилов,  и Роберто Шакиров. За учество во хуманитарната мисија во Турција благодарници добија и припадниците на Армискиот тим за заштита и спасување Александар Игевски, Ѓоре Андовски, Сашко Иванов и Бобан Арсеновски. За афирмација на градот преку врвни меѓународни достигнувања во областа на музиката, деветономевриска Благодарница доби и м-р Трајче Малинов.

Наградата Најстудент „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“, годинава ја доби Бојана Кацарова, студентка на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Во чест на наградените концерт одржа Камерниот оркестар на Битола.