На денешен ден пред точно 8 деценииво печатницата на Драгутин Шпулер, во Самобор, Хрватска е отпечатена збирката „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин. Објавувањето на збирката претставува исклучително значаен настан во културниот и општествениот развој на македонскиот народ. Со неговите „Бели Мугри“, Коста Солев Рацин се смета за основоположник на современата македонска литература. Стихозбирката е составена од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни) напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. „Тешко ние да можеме да најдеме во нашата културна историја друга толку монолитна личност како Рацин, што по еден творечки начин гради мостови меѓу минатото и иднината, што знае на здрави основи да создава културна традиција… ликот на Кочо Рацин придобива сè поизразити црти во нашето духовно битие. Веќе за нас што сме биле негови современици, а уште повеќе за новите поколенија, Рацин поставува со својот живот и со своето дело една мерка што се налага во творечка и етичка – мисла. На македонскиот простор не може веќе да се изневерува пораката на поетот Кочо Рацин, без да се засега во она што е суштинска основа на нашиот развиток“, рече Блаже Конески за Коста Солев Рацин. Стихозбирката „Бели мугри“ е своевиден културолошки феномен кој одигра огромно влијание на генерации поети и писатели посветени на развојот на македонската литература. По повод големиот јубилеј 80 години  од објавувањето на збирката поезија „Бели мугри“, утре во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ ќе се одржи поетско чествување со книжевен осврт на д-р Кристина Николовска. Стихови посветени на поетот ќе читаат членови на Клубот на писатели „Коста Солев –Рацин“.