Општина Велес ја одбележа 81 годишнината од ослободувањето на градот. На свечена академија што се одржа во театарот Ј.Х.К.Џинот градоначалникот Марко Колев се обрати пред присутните гости.

„Почитувани присутни, дозволете ми прво да го честитам празникот 9 Ноември, Денот на ослободувањето на Велес. Ова е мое петто ображање за 9 Ноември, но прво во вториот мандат за кој неодамна ми ја дадовте вашата огромна поддршка и ме задолживте за реализација на бројни проекти и настани“, истакна Колев.

На свечената академија традиционално се доделија и деветономевриските награди на граѓаните кои достојно го промовираа Велес во земјата и надвор од неа.

Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2025 година,по предлог на градоначалникот годинава ја доби актерот Петар Темелковски. Во својот професионален живот Темелковски остварил повеќе од 70 главни и централни улоги во театрите во Скопје, Куманово, Прилеп, Велес, Струмица, на филм и телевизија. Со своите театарски улоги, Темелковски имал бројни гостувања во Австралија, Канада, САД и Европа.

 

За посебен придонес во развојот и афирмацијата на Велес и Македонија, Општина Велес им врачи 9-то Ноемвриско признание Пофалница 2025 на Марјана Нацева, за посебен придонес во женскиот фудбал и афирмација на градот во областа на спортот, на Трајче Илијевски за посебен придонес во атлетиката и на Киноверзум за посебен придонес во областа на културата и доближувањето на филмската уметност во Велес.

 

Благодарница 9 Ноември за 2025 година добија ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ и ОСУ „Јовче Тесличков“ за развој на образовната дејност во Велес, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ за развој на библиотечната дејност, Јасмина Дамјановска за авторки труд и создавање трајни записи за афирмација на историското минато на Велес, Лила Арсова за сестран граѓански активизам и афирмација на културата и Миле Манчевски за 40. годишен придонес во афирмација на Велес во областа на карикатурата.

 

Годинава,  Спомен плакета 2025, Општина Велес им врачи на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, и академик Катица Ќулавкова, автори и редактор на Тритомното издание „Кочо Рацин“. Добитник на Спомен плакета е и градежниот инжинер Бошко Цилаков за огромен придонес во капитални инфраструктурни проекти.

 

Наградата Најстудент што го носи името на проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2025 година ја доби Марко Инѓилизов, студент на трета година на Факултетот за меѓународни и јавни политики  при Универзитетот „Принстон“ во САД, со просек 9,83.

 

Во чест на наградените, присутните уживаа во музичкиот времеплов од македонски песни во изведба на Камерниот оркестар на Битола.