Општина Велес го прослави 9 Ноември, празникот на градот, најсветлиот и најслободарскиот ден во неговата историја, ја прослави слободата извојувана со храброст, пожртвуваност и непокор на сите борци кои ги положија своите животи за слободен Велес.
По повод празникот на градот се одржа свечена академија на која беа доделени деветоноемвриските признанија на истакнати сограѓани кои со својата професионална посветеност, долгогодишен труд и остварувања дале значаен придонес во развојот на Велес и оставиле траен белег во локалната заедница.
Од сцената на велешки театар, присутните гости ги поздрави градоначалникот Марко Колев.
„Почитувани присутни, денес им оддаваме признание и на луѓето кои со својата работа, знаење и посветеност оставиле значаен белег во нашиот град и придонеле за неговата афирмација. Искрени честитки упатувам до сите добитници на пофалници, благодарници, спомен-плакети, признание за најдобар студент и награда за животно дело. Велес се гордее со вашите дела“
Добитници на пофалница годинава се Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ за континуирана афирмација на книжевното творештво, промоција на велешките автори и негување на македонскиот пишан збор. За врвни остварувања во македонскиот фудбал пофалница доби и Валерија Ваљак Неделковски од ЖФК „Борец“. Акцијашите од ЗГ „Акцијаши-ветерани-Велес“ се пофалени за својот волонтерски ангажман и активен придонес во унапредување на животната средина. Пофалница добија и нашите сограѓани Коста Тахов и Баже Миров за исклучителниот спортско-рекреативен подвиг и промоција на велосипедизмот. За својот ангажман со учество во Илинденската коњаница, пофалница му беше врачена на Спасе Буковски.
Благодарница 9 Ноември за 2026 година добија Благој Гугинов за врвен репрезентативен успех во меѓународниот спорт во кајак на диви води, пожарникарот Александар Јолдашев за исклучителната пожртвуваност при пожар, Снежана Петрова Џамбазова за заштита и афирмација на македонскиот јазик, ССОУ „Димитрија Чуповски“ за долгогодишен придонес во развојот на образованието, науката и стопанството, ООУ „Блаже Конески“ за афирмација на младите таленти од Велес, ресторан „Снупи“ за негување на традиционалните вкусови и кулинарскиот бренд „Велешка пита пастрмајлија“, Трајче Илијевски за остварени спортски резултати во атлетиката и афирмација на велешкиот спорт, Александар Гулевски за врвниот спортски подвиг со успешно искачување на Мон Блан, и детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ за врвна афирмација на хорското пеење.
Годинава, Спомен плакет Општина Велес постхумно им додели на Зоран Љутков за врвен алтруизам и посебен придонес во локалниот економски развој и д-р Ванчо Граматов за професионалниот, раководен и општествен придонес во развојот на болничката здравствена заштита. Спомен плакетаопштината му врачи и на ас. д-р Ниметула Лимани за исклучителна стручност, хуманост и едукативен придонес во развојот на здравствената заштита и медицината.
Наградата Најстудент што го носи името на проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2026 година ја доби Емира Хусовиќ, студент на универзитетот Ричмонд, САД.
Наградата за животно дело „Гемиџии“ годинава му припадна на д-р Горан Јовиќ за годините исполенти со работа, одговорност и посветеност, за неговата професионална мисија во која човечноста е исто толку важна колку и стручноста.
Во чест на наградените, присутните уживаа во богатиот репертоар на Националниот џез оркестар.
Во рамки на програмата за одбележување на 9 Ноември, делегации на Општина Велес, на армијата и на јавни институции положија свежо цвеќе пред бистите на народните херои во Младински парк и пред паметникот на паднатите борци во Спомен костурницата.




























