Младешка бунтовност, непоколебливост и љубов кон мајчиниот јазик покажале велешките гимназијалци на 14 март 1942 година, кога дигнале бунт и рекле НЕ за воведување на бугарскиот јазик во наставата. Од овој историски ден поминаа 83 години, но нивниот херојски подвиг, и ден денес е врежан во колективната меморија на велешани и на македонскиот народ. Велешани со гордост се потестуваат на гимназијалците кои одбиле да учат на бугарски јазик и да носат бугарска школска униформа.

Благој Кирков, Благој Јанушев, Орце Иванов, Анче Андреев се само дел од гимназијалците кои го организирале штрајкот во Гимназијата. Меѓу нив е и  Никола Стојанов, кој сè уште, во сто и втората година од својот живот, сведочи за историскиот настан.

Нивниот херојски подгвиг нека биде поттик за сите сегашни и идни генерации да го чуваат мајчиниот јазик и својата национална самобитност.

По повод годишнината, Гимназијата „Кочо Рацин“ вечерва ќе одржи театарска претстава „Штрајкот на велешките гимназијалци“ на големата сцена на театарот Ј.Х.К.Џинот, со почеток во 18:00 часот.