На 2 септември 2026 година се одбележуваат 85 години од трагичната смрт на македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски. По тој повод делегации на Општина Велес и јавни институции се поклонија пред спомен бистата на поетот, во кругот на средното стручно училиште, што го носи неговото име, и положија свежо цвеќе.
Годишнината од смртта на македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски денеска се одбележа и во неговото родно село Војница. Пред спомен бистата на Неделковски свежо цвеќе положија делегации ЛУ „Народен музеј Велес“, Локална библиотека „Гоце Делчев“ и на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“.
Во рамки на културната манифестација, во чест на поетот се читаа стихови од стихозбирките на културниот деец, а за неговиот лик и дело беседеше истакнатиот писател Васил Тоциновски.
Годинава, наградата за животно дело „Коле Неделковски“, клубот на писатели му ја додели на писателот Никола Алтиев.
Присутните на манифестацијата ја посетија и спомен собата на нашиот поет Коле Неделковски.
Коле Неделковски е роден во велешкото село Војница. Тој е еден од најистакнатите револуционерни македонски поети помеѓу двете светски војни. Неделковски претставува романтичар со бескрајна љубов кон својот народ и кон неговата борба за слобода и правда. Неговата песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност.

















