Седумдесет и шест години слободен Велес, 9 Ноември, датум врежан во колективната меморија на жителите на Велес. Ден над сите денови во историјата, ден на непокорот и саможртвата на борците од Народно-ослободителната борба.
Ниту на овој ден денешен, во услови на вонредна криза поради пандемијата, велешани не ја забораваат историјата, не ги забораваат борците и сите велешани кои во далечната 1944 година храбро и решително се бореа против фашистичкиот окупатор и ја извојуваа скапоцената слобода која ние денес ја уживаме. Споменот на нив вечно ќе трае.
Во спомен на борците денеска, делегации на Општина Велес, АРМ и Сојузот на борци, положија свежо цвеќе во Спомен-коструницата.
На Свечената академија што се одржа на Спомен-костурницата, пред присутните гости се обрати градоначалникот Коцевски. Тој им го честита празникот на сите граѓанки и граѓани на Велес.
„Би сакал да упатам бескрајна благодарност до живите борци, до оние кои ги дадоа своите животи во Втората светска војна. Со тоа ги остварија идеалите за кои се бореа многу генерации. Сите Вие сте најзаслужни за оваа наша слобода“, рече Коцевски.
По повод 9 Ноември, празникот на градот, Општина Велес ги додели престижните награди и признанија на истакнати велешани кои со својот вложен труд и знаење придонесоа во развојот на градот.
Наградата за животно дело „Гемиџии“ годинава заслужено му припадна на докторот кој го прдводеше тимот специјалисти што ја извршија првата трансплантација на срце во државата, проф. д-р. Сашко Јовев.
„Бескрајна благодарност за оваа награда. Имам три причини со кои се гордеам, прво затоа што имам велешко потекло, второ, затоа што членови од моето потесно семејство се бореле за оваа наша слобода и трето затоа што е награда за животно дело. Наградата за мене значи екстремна пожртвуваност, несебичност и интелектуализам проткаена со шарм каков што само велешани имаат“, рече Јовев.
Со високото општинско признание „Спомен плакета“ наградени се најхрабрите и најпожртвуваните, здравствените работници кои беспоштедно, секојдневно се борат против непредвидливиот непријател Ковид-19. Спомен плакета им беше врачена на вработените во инфективното одделение на ЈЗУ Општа болница – Велес, на вработените во Службата за итна медицинска помош на Здравствен дом, на вработените во Епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје. Спомен плакета добија и тимот лекари-специјалисти кои ја извршија првата трансплантација на срце, др. Тања Ањѓушева, др. Димче Славевски, др. Александар Колев, Катерина Ристовска Јанев и Александра Ристовска Тунев. Спомен плакета им беше врачена и на матичните лекари од градот.
Со високото општинско признание „Благодарница“ се закитија фудбалерот Енис Фазлагиќ, кајакарот Љубомир Спасиќ, Лајонс клубот од Велес и семејството на прерано починатиот Борче Пинев.
„Пофалници“ им беа врачени на м-р Илија Настовски, Снежана Лазарова-Луна, Христијан Андовски и на Филип Коруновски.
Наградата нај студент „Ѓорѓи Шоптрајанов“ годинава ја понесе студентката на факултетот за медицински науки „Гоце Делчев“ во Штип, Ана Трајчева.
Настанот по повод 9 Ноември, беше збогатена со неколку музички точки во изведба на проф. Веселинка Маџарова, м-р Илија Настовски и Трајче Малинов, а со своја точка настапи и член на балетското друштво „Анабела“.