На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, најави дека Владата и доделува 40.000.000 денари на Општина Велес за изградба на нов затворен градски пазар.
„Со Одлука за одобрување на средства од буџетот за 2019 година, од ставката за капитални дотации на единиците на локална самоуправа, од страна на Владата на РСМ, на Општина Велес ќе ù бидат доделени 40.000.000 денари за изградба на нов затворен пазар”, истакна Коцевски.
Според проектната документација, вкупната инвестиција изнесува 82.000.000 денари. Дел од овие средства Општина Велес ќе ги обезбеди со продажба на деловните простори кои ќе бидат во состав на новопроектираниот градски пазар. До крајот на годината, средствата ќе бидат трансферирани до Општина Велес на посебна наменска сметка.