Заложбите на општината за воведување еднакви можности помеѓу заедниците, активностите за подобрување на квалитетот на живот и предизвиците со кои се соочува ромското население во Велес, но и решенијата за истите, беа во фокусот на денешната средба што градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја оствари со Музафер Бајрам, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите.
По работниот состанок, Коцевски и Бајрам направија обиколка и ги посетија локациите во градот каде живеат сограѓаните Роми каде се спроведуваат инфраструктурни и други градежни работи.
„Улицата ‘Богдан Каракостев’, е една од овие локации каде Општина Велес во изминатиот период изгради потпорен ѕид со кој се овозможија побезбедни услови за движење на граѓаните од овој дел од градот. Истовремено, изготвен е основен проект за изградба на обиколен пат кој ќе ги поврзе сите делови каде живее ромско население во оваа околина во вредност од десет милиони денари и чекаме одобрување на финансиските средства од Министерството” истакна градоначалникот Коцевски.
„Континуираното подобрување на инфраструктурата и интеграцијата на Ромите во општествените текови во државата, преку вложување и инвестирање во условите и можностите за подобар и поквалитетен живот, ќе ја зајакнат ромската заедница во секој поглед” изјави министерот Бајрам. Општина Велес продолжува со реализацијата на тековните проекти кои обезбедуваат еднаков пристап до квалитетни услуги.како на сограѓаните Роми, така и на сите граѓани.