Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ги заврши сите постапки, а од Министерството за внатрешни работи е добиена сообраќајна согласност за воведување во работа на изведувачот и започнување на градежните работи за санација на свлечиштето „Цуцка”, како и изградба на потпорен ѕид на регионалниот пат Велес – Градско, соопшти на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
„Мојата упорност да инсистирам Владата да го финансира овој проект и да се одвојат средства од државниот буџет се исплати и задоволен сум што долгорочно овој проблем ќе биде решен”, изјави Коцевски.
Почетокот на градежните работи е закажан за в понеделник, 17 февруари 2020 година, а вкупната вредност на изведбените работи изнесува 62.441.350,00 денари.
Со градежните зафати е предвидено санација на веќе пропаднатиот дел од патот со изградба на нов бетонски ѕид. Демонтирање на старата и според европските стандарди поставување на нова еластична ограда.
Изведување на земјени, геотехнички и ѕидарски работи, односно целосно торектирање на околу 5.000,00 м2 со поставување на анкери, габиони и заштитни мрежи за да се спречат несакани одрони во иднина.
Свлечиштето на крај ќе се комплерира со асфалтирање и патот ќе биде пуштен во употреба.