На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја извести јавноста за компаративните показатели околу финансиското работење на општината.
„Со задоволство можам да кажам дека 2019 година ја завршивме многу поуспешно во споредба со минатите години”, изјави Коцевски. „На крајот од годината префрливме скоро 31.000.000,00 денари непотрошени средства, вратени се сите долгови кон ЈКП Дервен и другите добавувачи. Општина Велес не е задолжена општина”, додаде тој.
При крајот на годината, Општина Велес префрли 40.000.000,00 денари, кои Владата ги одобри на општината за изградба на градскиот пазар.
Полнењето и реализацијата на буџетот е подобро во споредба со минатите неколку години. Средствата за капитални расходи се поголеми во споредба со 2017 година кога се потрошени околу 53.000.000,00 денари, во 2018 година, околу 65.000.000,00 денари, а во 2019 година, 70.831.387,00 денари, истакна градоначалникот Коцевски.
Трошењето на средствата кои се влеваат во буџетот од даночните обврзници за 2016 година за репрезентација изнесувале 970.351,00 денари, а за 2019 година, 128.397,00 денари, што е за четири пати повеќе, рече Коцевски.
За гориво во 2019 година е потрoшено двојно помалку во споредба со 2016 година, односно 678.778,00 денари во 2019 година, наспроти 1.044.941,00 денари во 2016 година.