Почитувани,
Општина Велес ја известува јавноста дека во текот на вчерашниот ден Јавното комунално претпријатие „Дервен” изврши вонредно миење, односно дезинфицирање на дел од улиците во Велес, со цел преземање превентивни мерки за заштита од ширење на корона вирусот и обезбедување почисти улици и населби.
Миењето е извршено со средство за дезинфицирање на улиците во централното градско подрачје, во ниските зони на градот, на пристапот до ЈЗУ Општа болница Велес, на пристапот до населба Којник, пристапот до железничката станица, меѓуградската автобуска станица и индустрискиот дел на градот.
Општина Велес продолжува со внимателно следење на ситуацијата со коронавирусот на локално ниво, за што се преземаат и дополнителни мерки, а активностите продолжуваат со дезинфекција на контејнерите и расчистување на простори со отпад од непознат сторител (диви депонии).
Исто така, од денес започнува редовното миење на улиците во општината согласно Програмата за јавна чистота за 2020 година.
Со почит,
Општина Велес