„Се арчиме за Македонија“. Оваа моќна реченица вградена во колективната свест на македонскиот народ одекнува како потсетник дека Велес е еден од градовите каде македонската авангарда ги испишала страниците на историјата со револуционерни подвизи, интелектуална мисла и надчовечки хероизам. По повод 117 години од историскиот 28 Април, 1903 година кога започнаа акциите на Гемиџиите во Солун, денеска делегација на Општина Велес предводена од градоначалникот Аце Коцевски положи цвеќе пред паметникот на Гемиџиите на кејот на Вардар во знак на длабока почит и благодарност за нивната саможртва, храброст и посветеност на највисоките идеали на македонскиот народ: да живее во слобода и независност.
И покрај вонредната состојба со Ковид 19 и неможноста овој значаен ден да се обележи со поголемо присуство на граѓаните – почитувачи на делото на Гемиџиите, во името на сите граѓани градоначалникот Коцевски, претседателот на Советот на Општина Велес д-р Ненад Коциќ и Каролина Попова, член на советот, денеска им оддадоа достојна почит на велешките херои Јордан Поп Јорданов -Орцето, Димитар Мечев -Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, нивните соборци Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид и другите членови на кружокот.
Споменикот посветен на Гемиџиите е дело на академскиот вајар Станко Павлевски. Покрај овој импозантен споменик и спомен плочата, од минатата година Велес доби уште едно спомен обележје посветено на Гемиџиите, скулптурата „Велешки гемиџии“ изработена од скулптурот Горан Стаменков во рамките на Првата меѓународна Скулпторска колонија во Велес 2019.