По катастрофалниот пожар што ја зафати околината на езерото Младост и уништи 40 хектари драгоцена шума, кон крајот на минатата година Општина Велес организираше масовна акција за пошумување.
Во акцијата беа засадени 13.700 садници. 2 700 садници беа обезбедени од донатори кои самите ги засадија садниците, а Општина Велес обезбеди средства за набавка на 11 000 садници кои ги засадија учесниците во акцијата. На оваа акција и претходеа мали акции на засадување на 30 садници од страна на Претседателот на Република Северна Македонија г-дин Стево Пендаровски како и на ученици од Република Романија кои донираа сопствени средства и засадија 96 садници заедно со учениците од општинските основни училишта „Блаже Конески“ и „Рајко Жинзифов“.
Садеа извидниците, акцијашите, ротаријанците, бизнис заедницата, вработени и добронамерни граѓани на кои езерото многу им значи.
Првите резултати денес се тука. Скоро 100% од садниците се зафатени. Садниците се раззеленети, со добра виталност и добар развој.
Општина Велес со помош на ЈКП „Дервен“ неделава започна и со монтирање на хидрантска мрежа на 5 локации околу езерото. Мрежата ќе се користи за наводнување на садниците и за превенција од пожари.
Во околината на езерото во тек е реализацијата на еден од најзначајните проекти за развој на туризмот во државата, проектот „Смарт езеро Младост“.
Со цел да се зачуваат садниците засадени во околината на езерото, сите учесници во акциите и сите граѓани треба да имаат во предвид дека ни предстои најтешкиот период, садниците да го издржат првиот налет на високите летни температури.
Со таа цел Општина Велес апелира до„ Жито маркети“- Велес, „Ротари клуб“, АРМ, ЗГ „Акцијаш-ветерани“, претставниците на другите граѓански организации и сите општествено-одговорни компании и поединци кои помогнаа во пошумувањето, доколку се во можност да помогнат во наводнувањето на сопствените посадени садници. Тоа во неколку наврати го направија членовите на здружението „Акцијаш“. Општина Велес во соработка со ЈКП „Дервен“ ќе врши наводнување на подрачјето во текот на летото. Сепак, секоја со љубов засадена садница бара и посветеност од сите нас. Да ги вратиме заедно природата и убавината на езерото „Младост“.