Со став дека не треба да се олабавуваат превентивните мерки против ширењето на заразата со Ковид 19, особено пред претстојниот продолжен викенд, градоначалникот Аце Коцевски упати апел за почитување на утврдените мерки за превенција, задолжително носење заштитна опрема и користење на дезинфекциски средства. „Имам впечаток таму каде што се движам дека не се почитуваат мерките како што имам впечаток дека МВР не ги презема сите мерки за да ги санкционира прекршителите“, рече Коцевски. Според Градоначалникот во наредниот период ќе биде клучно колку граѓаните ќе ги почитуваат мерките. Особено загрижува што најголемиот број на заболени се од литијата која се одржа во Струга и од семејни и верски прослави во западниот дел на државата. „ Мислам дека треба да бидеме упорни, да ги почитуваме мерките и да го почитуваме Уставот кој вели дека земјата ни е секуларна држава и да не дозволуваме толку многу верските лидери од сите религии да имаат толку големо влијание врз политичките настани во земјата, особено кога се работи за почитување на препораките на здравствените власти, нагласи Коцевски.