Денеска Општина Велес го заврши процесот на апликација на 4 проекти на Европската програма ИПА ИНТЕРРЕГ за прекугранична соработка со Република Грција како и еден проект во грантовата шема за социјална инклузија финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Градоначалникот Коцевски ја информираше јавноста за темите на проектните апликации:
– Проект за изградба на кејот на река Вардар на потегот од мостот Гемиџии до Мало Мовче, уредување на пешачка и велосипедска зона на кејот и поставување на 7 киоск продавници за традиционални производи и сувенири во висина од 490.000 евра.
– Проект за уредување на простор од над 700 м2 во објектот „Вила Зора“ за креирање на регионален гурмански центар во висина од 250.000 евра.
– Проект за партерно, хортикултурно уредување и осветлување на Спомен Костурницата во Велес. Апликант на проектот во висина 178.776 евра е Народниот музеј- Велес.
За овие три проекти Општина Велес од Буџетот обезбедува 15% од вкупната вредност на проектите како сопствено учество кои по евентуалното одобрување во буџетот на општината треба да ги врати Министерството за локална самоуправа.
Воедно, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион аплицира проект подготвен од Општина Велес за креирање на Регионален иновациски хаб со седиште во Велес. За оваа намена, во апликацијата се планирани средства во висина од 134.919 евра.
Како што соопшти градоначалникот Коцевски деновиве е доставена и апликација во втората финална фаза на програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа која се реализира преку Форуми на заедниците на ниво на Вардарскиот плански регион. Апликацијата на Општина Велес која донаторите ја избраа за најдобра од регионот во првата фаза се однесува на уредување на парк, односно поставување на урбана опрема за рекреација на деца и лица со посебни потреби и нивна социјализација на езерото Младост. Парцелата е во непосредна близина на еко кампот и паркот на авантури кој се гради во рамките на проектот СМАРТ езеро Младост финансиран од Европската унија што го спроведува Светска Банка. Апликацијата е во висина од 9 милиони денари.
„Овој период во кој предничи борбата со Ковид 19 го користиме максимално во заложбите преку проектни апликации да обезбедиме средства од ЕУ и од меѓународната заедница за реализација на значајни проекти за граѓаните на Велес“ рече Коцевски на прес конференцијата.