Градоначалникот Коцевски ја информираше јавноста во врска со хаваријата што се случи вчеравечер (недела, 14 јуни 2020 година) во Прехранбената индустрија „Благој Ѓорев” АД Велес.
„Во текот на вчерашниот ден, поточно во 10:50 часот од Прехранбената индустрија ‘Благој Ѓорев’ АД Велес во МВР СВР Велес е пријавен инцидент, односно хаварија во фабриката. Екипи на МВР излегле на лице место и го пренасочиле сообраќајот по улицата ‘Алексо Демниевски’. Откако бев и официјално известен за настанот лично се упатив на местото на настанот. Според информациите со кои располагаме, станува збор за хаварија која е настаната во резервоарот за мазут, односно на системот за одржување на температурата на мазутот каде се појавил дефект поради пукнатини на грејачот, а како резултат се излеала количина од околу еден тон мазут. Според нивните внатрешни шеми на организација, резервниот резервоар нема доволно капацитет да го прифати истечениот мазут, па по сливниот канал е истечена одредена количина на улицата ‘Алексо Демниевски’, а дел од количините се дирекно истечени во реката Вардар”, соопшти Коцевски.
На местото на настанот беа присутни вработени во претпријатието, претставник на МВР и управителот, доминантниот сопственик.
За да се впие мазутот од површината на асфалот е истурено ќоспе, а мазутот е товарен во тракторска приколка.
Со цел безбедно одвивање на сообраќајот, во вечерните часови беше даден налог на работната единица Комунална хигиена на ЈКП „Дервен” да го испере коловозот.
„Во овој момент, количините на истечен мазут не се точно утврдени и жал ми е што екипите на Крим техника вчера одлучиле да не направат увид на лице место и да го документираат настанот. Иако не е причинета штета на ниедно физилчко лице или претпријатие, сепак мојот став е дека штета е направена на јавниот интерес на граѓаните, односно на самите граѓани на Велес, при што е оштетен коловозот и количините мазут што се истечени во реката Вардар се опасност пред сè за животинскиот и растителниот свет. Се надевам дека во текот на денот екипите на Крим техника ќе излезат на лице место и ќе го документираат настанот, а јас ве уверувам дека час поскоро ние ќе подготвиме информација и останувам доследен на мојот принцип да не поднесувам кривични пријави, но до Кривичниот суд ќе поднесеме информација со сите информации со кои располагаме”, потенцираше градоначалникот Коцевски, кој се заблагодари на сите совесни граѓани и новинари за силно изразената еколошка свест и за брзата реакција, кои на своите приватни профили на социјалните медиуми веднаш ја информираа јавноста.