Во организација на Мото клубот „Мото Велес”, а со поддршка од Мотоциклистичката федерација на Македонија и Општина Велес денес беше организирана првата трка од државниот Ендуро шампионат за 2020 година.
Годинешниот шампионат во оваа возбудлива мото дисциплина се одржа на веќе познатата локација на велешкото езеро „Младост”, но поради актуелната ситуација со пандемијата Ковид-19, трката се одржа без присуство на публика, притоа следејќи ги препораките, насоките и протоколите од Агенцијата за млади и спорт предвидени за организирање натпревари во индивидуален спорт.
Според натпреварувачите, педесетина на број, кои доаѓаат од повеќе градови во државата, патеката во Велес е најдобрата патека за организирање Ендуро натпревари. Тие ја поминаа патеката во четири кругови, по 25 км, со еден Ендуро тест во секој круг каде се мери времето, а се натпреваруваа во класите Е1, Е2, Е3 и „Велес Оф Роуд” (за возачи аматери, без лиценци).