Членовите на „Балкански музички центар – Македонија” вечерва настапија со етно концертот „Музички еталони на народната музика” во Ликовниот салон во Велес како дел од прогрмата на Велешкото културно лето „ВелеСOOLтУра – Латитуда 41’ / Лонгитуда 21’”.
Концертот е авторски проект на Оркестарот за народна музика „Зора” при Здружението „Балкански музички центар – Македонија”, со седиште во Велес.
„Балкански музички центар – Македонија” е организација која обединува етнокореолози и музичари од регионот, како и воведување на професионални стандарди за работење и создавање на позитивна перцепција за професијата етнокореолог и музичар меѓу членовите и пошироката јавност.
Вечерашниот концерт претставува концерт за камерен оркестар на народни инструменти: гајда, кавали, тамбури, бас и тапан. Преку изведбите на Стојче Трајанов – гајда, Андреј Трајковски – кавал, Филип Арилон – кавал, Оливер Настовски – тамбура, Маамер Абединов – бас тамбура, Илија Мазнев – бас и Христијан Николовски – тапан, велешката публика можеше да слушне разновиден репертоар на класици на македонската народна музика, но и современи музички тенденции во оркестрирањето на македонската традиционална музика.
Поради актуелната ситуација со Ковид-19 сите настани и активности се реализираат согласно објавените протоколи за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на коронавирусот.
Програмата на Велешко културно лето 2020 можете да ја погледнете на следниов линк.