Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција ја пренесе оценката од Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување во врска со ситуацијата со Ковид-19 во Општина Велес, која е оценета како стабилна, но истовремено потенцираше дека велешани треба да бидат внимателни поради враќањето на сограѓаните од годишните одмори во Струга, Охрид, Албанија и други места и можноста од ширење на коронавирусот.
Во последните 24 часа во Велес и велешко нема новозаразени и оздравени лица, меѓутоа се очекуваат резултатите и од неколку приватни клиники.
Вкупниот број на регистрирани случаи од Велес и велешко изнесува 265 лица, од нив 225 се оздравени, 26 активни и 14 починати. Од активните случаи, 19 се на домашно лекување, седум се на Инфективното одделение во Велес, а нема случаи во одделенијата во Скопје.
„Изменета е методологијата за пресметување кога се стекнуваат условите за некој да биде констатирано дека е оздравен. Сè уште тоа не е соодветно разработено од страна на матичните лекари”, изјави Коцевски.