За безбедноста на капачите во водите на езерото „Младост” во текот на наредната капачка сезона ќе се грижат членовите на Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител” од Велес. Искусните и сертифицирани спасители, со своето национално и меѓународно искуство ќе обезбедат професионална служба за безбедност на вода на езерото „Младост” во летната сезона и превентивно ќе делуваат во однос на потенцијални жртви – давеници на една или повеќе организирани плажи на езерото. Во зимскиот период пак ќе организиранаат едукативни предавања во основните и средните училиштата за безбедноста во вода и планина.
Од друга страна, во градскиот парк во Велес ќе биде изградена првата урбана велосипедска патека, односно т.н. pump track велосипедски полигон. Изградбата на овој полигон, кој е инклузивен и ќе може да го користат и лица со попреченост, овозможува поддршка за развој на велосипедизмот во Општина Велес, зголемување на свеста на граѓаните за користење на велосипедот во секојдневна интеракција како алтернативно превозно средство, а со тоа и едукација на граѓаните за употреба на урбаните велосипедски патеки.
За реализација на овие активности, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, денес, во рамките на настаните за одбележување на Европската недела на мобилност 2020, потпиша Меморандуми за соработка со Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител” од Велес и „ ЈУМАК КИРО ДООЕЛ – СКОПЈЕ”, од Скопје.