Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2020 година, за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес во државата и надвор од неа ја доби проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирургот што го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата.
Високото општинско признание „Спомен Плакета“ го добиваат тимот на инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Велес, Итната медицинска служба на Здравствен дом Велес, Епидемиолошкото одделение на Центарот за јавно здравје Велес, тимот на лекари кои ја направија првата трансплантација на срце: Др Тања Анѓуешева – кардиолог, Др Димче Славевски-кардиоанестезиолог, Др Александар Колев-специјализант по кардиохирургија, Катерина Ристовска Јанев-инструментарка и Александра Ристовска Тинев-инструментарка, како и матичните лекари од градот.
„Благодарница“ по повод празникот на градот, 9 Ноември годинава ќе добијат фудбалерот Енис Фазлагиќ, кајакарот Љубомир Спасиќ, Лајонс клуб Велес и Семејството Пиневи.
Со „Пофалница“ за 2020 година ќе бидат наградени м-р Илија Настовски, Филип Коруновски, Снежана Лазарова – Луна и ученикот Христијан Андовски.
Наградата за најстудент „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2020 година ќе ја добие студентката на факултетот за медицински науки „Гоце Делчев“ во Штип, Ана Трајчева.
Наградите ќе им бидат доделени на Свечена академија што ќе се одржи во понеделник со почеток од 12:00 часот, на Спомен-костурницата, на отворено.
Годинава, актерската награда „Петре Прличко“, со едногласна одлука на Комисијата во состав: д-р Сашо Димоски (театролог), д-р Деан Дамјановски (театарски режисер) и Драган Миладиновски (актер) ја добива актерот Слободан Степановски од битолскиот народен театар. Нему наградата ќе му биде врачена кога ќе стивне епидемијата и ќе се создадат подобри здравствени услови во државата.