Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, за спроведување на превентивна теристичка дезинсекција на подрачјето на Општина Велес, како општа мерка за заштита на населението од заразни болести, Општина Велес го издава следното соопштение за јавност
Општина Велес ја известува јавноста дека од 29 март 2021 година, во зависност од временските услови, ќе започне со спроведување на теренско – третирање од земја, против ларви од комарци.
Теренското третирање од земја, против ларви од комарци ќе се изврши на територија од 7 хектари покрај вода и водни површини, кои се мапирани како лежишта на комарци, а посебно внимание ќе се посвети на површините со неистечена вода каде комарците имаат идеални услови за размножување.
По спроведена постапка за извршување на овие активностите избран е операторот ЈЗУ Центар за Јавно здравје – Велес, и согласно Елаборатот изработен од страна на Центарот за јавно здравје Велес, ќе бидат третирани:
- Крајбрежјето на Езерото „Младост“
- Делот „Јарбош“
- Градскиот Парк
- Стадион
- Младински Парк
- По течението на реката Вардар
- Реонот на потокот и
- Градските фонтани.
Динамиката на реализација, во наредните десет дена, ќе се одвива според временските услови.
Третманот се врши со препаратот „Биопрен“ 4 ГР, ларвицид за комарци во вид на гранули, се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство и се применува насочено само за комарци и ларви кои летаат на области кои се претходно одредени.
Средството во вид на гранули се положува во застоени водени површини. Истото не е штетно за луѓето, пчелите, ниту за домашните миленици.
Ларвицидното третирање е општа мерка за заштита на населението од заразни болести, и е предвидена во Програмата за активности на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2021 година.
Воедно, Општина Велес ја известува јавноста дека кон крајот на месец април или почетокот на месец мај оваа година ќе следуваат авионски прскања, за кои три дена пред реализирањето на активностите јавно ќе бидат објавени соопштенија за пчеларите кои треба да ги затворат кошниците со пчели во времетраење од три до четири часови, поради можноста од влијание на средството со кое се врши третирањето врз безбедноста на пчелните семејства.