Општина Велес се соочува со сериозен проблем во врска со бездомните кучиња и граѓаните кои се каснати од нив, истакна на денешната прес конференција Градоначалникот Коцевски. На адреса на општината секојдневно пристигнуваат тужби од граѓани кои се каснати од кучиња. Овие тужби се поткрепени со медицинска документација и пријава на настанот во Секторот за внатрешни работи Велес, како докази во судки постапки, кои најчесто завршуваат со пресуди за плаќање на големи финансиски средства од општинскиот буџет.
„Простор за сомнеж во веродостојноста на ваквите постапки остава тоа што овие граѓани ги застапуваат едни исти адвокати. При обезбедување на медицинската документација во случај на каснување од куче, се случува, истовремено доктор од ЈЗУ Општа болница Велес, кој го прегледал лицето каснато од куче, да се јавува и во својство на вешто лице, што исто така остава простор за сомнеж. Тоа значи дека еден ист лекар издава и лекарско уверение и прави наод од вештачење. Исплатени се огромни суми од општинскиот буџет по тужби на граѓани“, рече Коцевски.
Од почетокот на годинава до сега, од општинскиот буџет исплатени се вкупно 1.689,152 денари како обештетување на граѓани кои биле каснати од бездомни кучиња. И тоа 939.152 денари по основ на тужби од седум граѓани кои биле каснати од бездомни кучиња и 750.000 денари по пат на склучени спогодби со 15 граѓани за вонсудско решавање на судски спор.
И во изминатата година општината исплатила огромна сума за обештетување на граѓани кои биле каснати од куче. Вкупно 2.673.481 денари се издвоени од општинскиот буџет за оваа намена. Во 2019 година испалтени се 2.266.014 денари и во 2018 година сме исплатиле 1.660.006 денари за да ги обештетиме граѓаните кои биле нападнати и каснати од куче.
„Ваквата пракса се повторува од година во година и сериозно го оптеретува буџетот на општината. Наместо за сериозни проекти од кои бенефит ќе имаат сите граѓани на Велес, овие пари завршуваат кај одредена категорија на граѓани кои злоупотребувајќи го законот ги добиваат овие парични средства“, рече Коцевски.
На последниот состанок со сите надлежни институции за оваа проблематика се донесоа следниве заклучоци:
Во најголем број во пријавите граѓаните не кажуваат за каков вид на куче станува збор, изјавуваат само дека е куче скитник затоа што знаат дека само за каснување од куче кое се води како скитник можат да добијат обештетување, затоа што ние како институција сме надлежни за нив.
Кога граѓаните инсистираат во МВР или во болница дека станува збор за куче скитник треба да биде нагласено во службената документација дека тоа е само изјава и тврдење на странката која не е поткрепена со докази,без кои надлежните институции не можат да интервенираат.
Во пракса има многу случаеви каде што напаѓаат и прават штета и домашните миленици. За нас и за другите надлежни институции е многу значаен фактот при овие случувања да се обезбеди доказ дали станува збор за бездомно куче или за куче кое има сопственик.
При пријава од граѓанин за каснување од куче, полицискиот службеник задолжително го контактира Гиовски тим за да излезат на терен и да го идентификуваат кучето.
„Овој проблем, за жал, се провлекува со години наназад и не смееме веќе да дозволиме граѓаните да манипулираат со Законот за да добијат обештетување и тоа за суми на парични средства кои воопшто не се за потценување. Затоа е неопходно сите надлежни институции да воспостават добра соработка и координација за да се реши овој проблем“, додаде Коцевски.